Еве зошто не постојат планини повисоки од 9000 метри
Иако највисоките врвови во светот, како Монт Еверест, продолжуваат да растат, природата има механизми со кои строго го ограничува тој раст. Монт Еверест, највисоката точка на планетата со 8.849 метри, секоја година расте за неколку милиметри. Теоретски, како што покажале претходни истражувања, планината би можела да достигне височина и до 45.000 метри. Сепак, во пракса тоа е невозможно. Научниците се согласуваат дека постои природна граница на висината на планините, која ја одредува комбинација од геолошки и еколошки фактори.
Притисокот што ги „витка“ планините
Според геологот Хокон Фосен, планините не можат да станат значително повисоки отколку што се денес, а причината лежи длабоко во внатрешноста на Земјата. На екстремни височини, особено над 5.000 метри, притисокот што се врши врз карпите станува толку голем што тие почнуваат да се однесуваат како „пластична“ маса.
Едноставно кажано, наместо да остане цврста и крута, карпата под тој притисок се деформира или дури полека „тече“. Поради тоа, колку што е планината повисока, толку потешко ѝ е да ја задржи сопствената структура и стабилност.
Создавањето на планински венци како Хималаите започнало пред околу 50 милиони години, кога се судриле две тектонски плочи. Првите неколку милиони години од тој судир биле „најпродуктивни“ во поглед на растот на висината.
Со текот на времето, силите сепак се израмнуваат. Колку што е планината повисока, толку е поголем притисокот што го трпи, што го ограничува понатамошниот развој. Фосен овој процес го споредува со тесто што се разлева по работна површина: колку што е масата поголема, толку повеќе се шири настрана и губи во висина.
Тоа објаснува зошто поголемиот дел од врвовите на Хималаите се наоѓаат на височина од околу 5.000 метри, со исклучоци како Монт Еверест и К2.
Природата истовремено ги гради и ги уништува
Тектонската активност не е единствениот фактор. Како што објаснуваат експертите, природата истовремено делува и во спротивна насока.
Глечерите, ветровите и временските услови постојано вршат ерозија, носејќи материјал од врвовите. Научните извештаи укажуваат дека водата во сите свои облици - мраз, снег или дожд, игра клучна улога во ограничувањето на растот на планинските масиви.
Со други зборови, колку што Земјата „гради“ планини, толку истовремено и ги „троши“.
Постои уште едно ограничување - стабилноста. Во одреден момент, планината станува толку стрмна и нестабилна што почнува да се урива. Одроните и свлечиштата постојано спречуваат понатамошен раст во височина.
Крајниот резултат е чувствителна рамнотежа помеѓу силите што го издигнуваат тлото и оние што го разоруваат. Тоа што денес го гледаме не е случајност, туку максималната граница што нашата планета ја дозволува.