Отворен јавен повик за практикантство за млади до 29 години
Можност за стекнување практично работно искуство и финансиска поддршка во траење до три месеци Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ), согласно Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2026 година, објави Јавен повик за мерката 4. Практикантство, финансирана од Буџетот на АВРСМ. Мерката има за цел да им овозможи на младите да стекнат практични знаења и вештини преку директно работно искуство кај работодавач, со можност практиканството да трае до три месеци.
Кој може да аплицира?
На повикот можат да се пријават невработени млади лица до 29 години кои:
- се евидентирани во АВРСМ;
- имаат најмалку завршено средно образование;
- немаат работно искуство по завршувањето на образованието.
За секој кандидат кој ќе биде избран и вклучен во мерката е предвидена финансиска поддршка од 12.000 денари месечно, за периодот на практичната обука. Во износот се вклучени осигурувањето за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест, како и данокот на личен доход.
Можност и за работодавачите
Во мерката можат да учествуваат заинтересирани работодавачи од приватниот и граѓанскиот сектор кои имаат потреба од ангажирање млади лица без работно искуство.
Право на учество имаат работодавачи кои:
- имаат најмалку едно лице вработено на неопределено време најмалку шест месеци пред аплицирањето, со исклучок на граѓанските организации и работодавачите кои ќе ангажираат жени од ромската етничка заедница како практиканти;
- ги имаат подмирено обврските врз основа на исплатени плати и придонеси за задолжително социјално осигурување.
Работодавачите ги избираат кандидатите по претходно спроведено интервју, а практичната обука може да трае до три месеци.
Рок и начин на аплицирање
Заинтересираните млади лица и работодавачи можат да аплицираат до 21 август 2026 година, или до исполнување на предвидениот опфат на корисници.
Пријавувањето се врши во работните клубови во Центрите за вработување на АВРСМ, секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот.
Правата и обврските на АВРСМ и учесниците во мерката се уредуваат со склучување меѓусебен договор.
Дополнителни информации
За повеќе информации заинтересираните можат да се обратат во работните клубови на 30-те Центри за вработување на АВРСМ, на контакт центарот 02/3111-850, како и на веб-страницата на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија: www.av.gov.mk.
Ако си млад/а и бараш прво работно искуство, ова е можност да стекнеш практични знаења, да запознаеш работна средина и да направиш чекор напред во развојот на кариерата.