Отворен повик за волонтери во Шпанија

Отворен повик за волонтери во Шпанија

Сакаш да стекнеш меѓународно искуство, да запознаеш нови култури и да придонесеш кон развојот на една локална заедница? Имаш можност да станеш дел од 12-месечен волонтерски проект во рамки на Европскиот корпус за солидарност (ESC), кој ќе се реализира во малото андалузиско гратче Пурчена (Purchena), во јужна Шпанија. Проектот „ESC Creative Rural Lab – Purchena“, организиран од Општина Пурчена (Ayuntamiento de Purchena), има за цел да ја поттикне креативноста, културната размена и активното учество во руралните заедници преку вклучување на млади волонтери во локалниот живот. Во рамки на проектот, пет млади волонтери од различни европски земји ќе соработуваат со локални училишта, библиотеки, младински и културни организации, локални бизниси и други институции. Преку креативни работилници, едукативни активности, дигитални содржини и културни настани, волонтерите ќе имаат можност да придонесат кон создавање поактивна, поинклузивна и подинамична локална заедница.

Кој може да аплицира?

Повикот е наменет за млади на возраст од 18 до 30 години кои се мотивирани да живеат и волонтираат во мала рурална заедница, да работат во меѓународен тим и да ги споделат своите знаења, вештини и интереси.

Се бараат млади кои имаат интерес за креативност, култура, одржлив развој, дигитални вештини, образование и младинска работа. Познавањето англиски јазик е важно, а потребно е и основно до средно познавање на шпански јазик, со подготвеност за негово понатамошно усовршување.

Области на волонтирање

Петте волонтери ќе имаат можност да се вклучат во различни области, во согласност со своите интереси и вештини:

  • Комуникација и дигитални медиуми – креирање визуелни и дигитални содржини, фотографии, видеа и промоција на локални активности.
  • Управување со Erasmus+ проекти и обуки – поддршка во подготовка и реализација на европски проекти, административни задачи и неформални едукативни активности.
  • Заедница и култура – организирање културни настани, креативни работилници и активности за поттикнување на интеркултурната размена.
  • Локален развој и дигитални иновации – соработка со локални организации и бизниси, поддршка на локални иницијативи и дигитализација.
  • Младинска работа, образование и јазици – подготовка и спроведување неформални едукативни активности, јазични часови, интеркултурни средби и активности со деца и млади.

Што е обезбедено?

Волонтирањето се реализира во рамки на Европскиот корпус за солидарност, при што се покриени главните трошоци поврзани со учеството:

  • Обезбедено сместување во заеднички објект во Пурчена;
  • Месечен надоместок за храна и џепарлак;
  • Надоместување на патните трошоци согласно правилата на ESC;
  • Здравствено осигурување;
  • Локален превоз поврзан со проектните активности;
  • Континуирана менторска поддршка;
  • Часови по шпански јазик и јазична поддршка;
  • Учество во официјалните ESC обуки, вклучително и обука при пристигнување и среднорочна обука;
  • Можност за препознавање и документирање на стекнатите компетенции преку Youthpass сертификат.

Аплицирај тука

Подели членак: