Отворен повик за волонтирање во независен културен центар Pôtoň во Словачка
Доколку сакаш да стекнеш искуство во областа на културата, театарот и уметноста, а притоа да живееш и работиш во инспиративна рурална средина, оваа можност е вистинскиот избор за тебе. Независниот театарски и уметнички центар Pôtoň, сместен во селото Батовце (Bátovce), Словачка, бара двајца волонтери за престој од 8 до 12 месеци. По неодамнешното реновирање на културниот дом, центарот започнува нова фаза на развој и ги поканува младите да станат дел од нивниот тим.
Што ќе работиш?
Волонтерите ќе бидат вклучени во секојдневното функционирање на центарот и ќе придонесуваат во организацијата на културните активности. Нивните задачи вклучуваат:
- одржување и грижа за просториите на центарот;
- чистење на заедничките простории;
- грижа за Паркот на уметностите (полевање растенија, косење трева и сезонско одржување);
- техничка и продукциска поддршка за театарски претстави, работилници, уметнички резиденции и други културни настани.
Во зависност од твоите интереси и вештини, ќе можеш да организираш сопствени активности за локалната заедница, да реализираш креативен проект или да помогнеш во фотографија, графички дизајн и документација на настаните.
Што е обезбедено?
Организацијата-домаќин ги покрива:
- сместувањето;
- патните трошоци;
- превозот поврзан со активностите;
- дневен џепарлак од 6 евра;
- дневен додаток за храна од 7 евра.
Волонтерите ќе живеат во заедничка куќа во соседно село, со комплетно опремена кујна и основни услови за живот. На располагање се и велосипеди за локален превоз.
Обука и развој
За време на проектот, волонтерите ќе добијат менторска поддршка и практична обука од вработените и надворешни експерти. Дополнително, ќе имаат можност да посетуваат основни часови по словачки јазик и да развиваат нови знаења и вештини во областа на културниот менаџмент и организацијата на настани.
Кого бараат?
Повикот е наменет за мотивирани, флексибилни и проактивни млади луѓе кои:
- сакаат да придонесат во реализација на културни и уметнички проекти;
- не се плашат од практична работа и активности на отворено;
- умеат самостојно да го организираат своето време;
- се подготвени да живеат во мирна рурална средина.
Работното време е флексибилно – за време на настаните активностите се поинтензивни, а во останатиот период волонтерите имаат простор за лични иницијативи, сопствени проекти и патувања.
Ова е одлична можност за сите кои сакаат да стекнат меѓународно искуство, да работат во независен културен центар и да бидат дел од креативна заедница во срцето на словачката природа.
Целот повик тука