Преку намалување на заканите долж преселните патишта до сигурен опстанок на египетскиот мршојадец

Преку намалување на заканите долж преселните патишта до сигурен опстанок на египетскиот мршојадец

Со цел да придонесе кон закрепнувањето на една од најзагрозените птици грабливки во Европа, во следните 5 години Македонското еколошко друштво (МЕД) ќе учествува во новиот меѓународен проект „Безбедно враќање на египетскиот мршојадец“ (LIFE EV Safe Return), кофинансиран преку Програмата „Лајф“ на Европската Унија. Покрај МЕД, во зајакнувањето на заштитата на местата за размножување, преселните патишта и областите на презимување на овој вид ќе се вклучат уште 14 партнерски институции и организации од Европа, Блискиот Исток и Африка, под водство и координација на Бугарското друштво за заштита на птиците.

Секоја есен, египетскиот мршојадец (Neophron percnopterus), кај нас уште познат и како кања, го напушта Балканскиот Полуостров и патува повеќе од 5.000 километри до местата на презимување во Африка. На патот до таму наидува на бројни закани, меѓу кои најсериозни  се нелегалните отровни мамки, криволовот и струјните удари при контакт со небезбедни далноводи. Мерките за намалување на сите овие ризици ќе им користат и на многу други птици-преселници кои ги користат истите патишта, поради што египетскиот мршојадец може да послужи како закрилен вид за зачувување на преселните видови птици.

Египетскиот мршојадец некогаш бил широко распространет низ целиот Балкан, а денес се евидентирани околу 50 гнездечки парови низ Северна Македонија, Бугарија, Грција и Албанија. Кај нас има околу 10 гнездечки парови, кои гнездат во Демиркаписката Клисура, Тиквешкиот регион, Мариово, долината на Брегалница и други непристапни локации. По повеќе од три децении опаѓање, балканската популација покажува знаци на стабилизација во последниве години, особено во Бугарија каде што нивната бројност е во пораст. Овој напредок ја одразува долготрајната соработка помеѓу организациите за заштита на птиците, институциите и локалните заедници.

Целиот текст тука

Подели членак: