Волонтирај во училиште во Краков

Волонтирај во училиште во Краков

Доколку сакаш да стекнеш вредно меѓународно искуство и да придонесеш во поддршката на деца и млади со попреченост, оваа волонтерска можност во Краков, Полска може да биде вистинскиот избор за тебе. Специјалното училиште Special School No. 11 во Краков бара волонтери за 10-месечен ангажман, кој ќе трае од 4 септември 2026 година до крајот на јуни 2027 година.

Што ќе работиш?

Како волонтер ќе бидеш дел од секојдневните активности на училиштето и ќе ги поддржуваш учениците со потешки форми на попреченост. Твоите задачи ќе вклучуваат:

  • поддршка во наставните активности и учење странски јазици;
  • учество во часови по спорт, уметност, музика, информатика, готвење, театар, социјални вештини и други активности;
  • помош при секојдневните потреби на учениците, како што се јадење, пресоблекување и одржување на хигиената;
  • придружба и поддршка за време на училишни екскурзии и активности во Краков и други градови.

Работното време е 30 часа неделно, односно 6 часа дневно.

Покрај работата во училиштето, организацијата IB Polska организира редовни средби, работилници и активности за личен развој, интеркултурно учење, полски јазик и историја. Волонтерите се среќаваат еднаш месечно на заеднички состанок и еднаш неделно со ESC тимот на организацијата.

Што е обезбедено?

Организацијата обезбедува:

  • бесплатно сместување во еднокреветни или двокреветни соби во станови изнајмени од IB Polska;
  • месечна картичка за јавен превоз во Краков;
  • надомест на патните трошоци согласно правилата на Европскиот корпус за солидарност;
  • месечен џепарлак и додаток за храна.

Обука и поддршка

Пред заминувањето, волонтерите добиваат подготовка од испраќачката организација, а по пристигнувањето следува воведна обука организирана од IB Polska. Дополнително, Националната агенција на Полска организира обука при пристигнување и среднорочна обука, како и редовни месечни средби и работилници.

Кого бараат?

Повикот е наменет за млади на возраст од 18 до 30 години кои се:

  • пријателски настроени, креативни и отворени;
  • мотивирани да работат со луѓе;
  • подготвени за емотивно предизвикувачка, но исклучително значајна волонтерска работа.

Предност имаат кандидати кои имаат искуство во работа со деца, млади или возрасни лица со попреченост, иако најважни се мотивацијата, емпатијата и желбата за учење.

Кандидатите кои ќе ја пополнат апликацијата ќе бидат контактирани од тимот на IB Polska, а избраните ќе бидат поканети на онлајн интервју со ESC тимот.

Целиот повик тука

Подели членак: