Заврши 7. Конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество
Над 180 излагачи и гости од регионот и 170 трудови и постер-презентации донесе седмиот Конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество, што се одржа од 15 до 18 октомври во Струга, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).
„Дваесет и осум години по првиот Конгрес, сè уште сме тука, собрани поради нашата страст за екологијата, нашата љубопитност за природата и нашата посветеност да ја разбереме и заштитиме. За мене Конгресот е многу повеќе од научен собир. Тој е настан преку кој ја славиме посветеноста на генерации еколози кои придонесоа за еколошката наука во нашата земја и помогнаа да се обликува Македонското еколошко друштво во организацијата каква што е денес“, истакна Робертина Брајаноска, извршна директорка на МЕД на официјалното отворање на Конгресот.
Официјалната програма започна со предавањата на проф. д-р Ирина Караџова од Институтот за општа и неорганска хемија при Бугарската академија на науките и со заедничката презентација на д-р Тијана Вучиќ и д-р Милена Цвијановиќ од Универзитетот во Белград и д-р Драган Арсовски од МЕД. Како професорка по аналитичка хемија со над 40 години академско и истражувачко искуство, Караџова зборуваше за извонредната способност за хиперакумулација на никел кај некои претставници на фамилијата зелковидни растенија и за можноста ваквите видови да се користат за реставрација на контаминирано земјиште. Тимот батрахолози, пак, ја претстави долгорочната теренска и експериментална студија за мрморците, продлабочувајќи го нашето разбирање за еволуцијата, развојот и хибридизацијата на видовите.
Прочитајте ја целосно објавата на следниот линк