Едукатор во технологијата на годината за проф. д-р Анка Трајковска Петкоска

Инфо
Едукатор во технологијата на годината за проф. д-р Анка Трајковска Петкоска

Професорката Анка Трајковска Петкоска, академски кадар од УКЛО добитник е на високото признание - Едукатор во технологијата на годината. Одликувањето неодамна и го додели претседателката Гордана Сиљановска - Давкова, покровителка на церемонијата, во организација на Women in Tech Македонија, во соработка со Министерството за дигитална трансформација. Вработена на Технолошко – техничкиот факултет – Велес, проф. д-р Анка Трајковска Петкоска припаѓа на оние ретки професионалци што знаењето не го задржуваат за себе, туку го претвораат во влијание — во лабораторија, во индустрија, во училница и меѓу младите луѓе што допрва го бараат својот пат. Докторските студии ги завршува на Универзитетот во Рочестер, Њујорк. И покрај можностите да ја продолжи кариерата во странство, се враќа во Македонија — со убедување дека знаењето и искуството треба да се вложат таму каде што можат да создадат нова вредност и каде се попотребни.


Таа е научник, професорка, инженер и истражувач со меѓународна кариера што се протега низ Европа, Америка, Азија, Африка и Австралија и со години ја гради својата професионална мисија низ пресекот помеѓу едукацијата, науката, технологијата и реалната примена на знаењето.

Нејзиниот научен пат опфаќа повеќе од 100 научни трудови, 6 книги, 20 поглавја во книги и учество во бројни меѓународни проекти од областа на зелените технологии, одржливите материјали и современото хемиско инженерство. Еден од најзначајните резултати од нејзината долгогодишна работа е патентот издаден во САД за иновативен природен третман за заштита на кожата од т.н. blue light pollution — тема што станува сè поважна во современиот дигитален свет.

Во време кога многумина заминуваат, ваквите приказни потсетуваат дека вистинскиот успех не се мери само со лични достигнувања — туку и со тоа колку луѓе си инспирирал да продолжат понатаму. Професорката Анка Трајковска Петкоска е токму таков пример. Таа нагласува дека достигнувањето е во создавање нови генерации млади луѓе што ќе бидат подобри, похрабри и поподготвени за иднината. Нејзината работа со студенти, млад истражувачки кадар и соработници е дел од нејзината најголема лична гордост. За неа, науката нема вредност ако не успее да се претвори во нешто корисно, применливо и достапно за луѓето, или, како што посочува и самата - да се вратиш дома, да создаваш тука и да веруваш дека младите заслужуваат време, простор, доверба и иднина во сопствената земја. Најдобра награда во животот е шансата да работите на нешто што го сакате и е вредно за работа, но истовремено - некој да верува или го поддржува тоа.

Прочитај повеќе на линкот

Подели членак: