ИМКА Македонија ја најавува програмата Leaders-in-Training – LiT 2026–2027

Инфо
ИМКА Македонија ја најавува програмата Leaders-in-Training – LiT 2026–2027

ИМКА Македонија ја најавува новата програма Leaders-in-Training – LiT, која им овозможува на младите на возраст од 15 до 18 години да се развиваат како самоуверени, одговорни и активни лидери. Програмата се реализира во текот на учебната година и комбинира месечни работилници за лидерство со тимска работа, активности во заедницата, авантури на отворено, менторство и рефлексија. Leaders-in-Training – LiT е наменета за поранешни учесници на летните кампови на ИМКА, нивни пријатели, како и за сите други млади кои се заинтересирани да го развиваат својот лидерски потенцијал. Оваа година едната група ќе се реализира во Битола, а другата на релација Куманово–Штип.

Учиме преку искуство

Од септември до мај, учесниците ќе се среќаваат една сабота во месецот. Секоја средба комбинира практична лекција за лидерство, активности за градење тим и забавен предизвик, при што ќе се обработуваат теми како развој на позитивен начин на размислување, комуникација, емоционална интелигенција, поставување цели и развивање лидерски вештини за работа во камп. Средбите ќе се одржуваат на македонски и англиски јазик.

Освен што ќе учат за лидерството, учесниците ќе имаат можност да ги применат стекнатите знаења и вештини преку практични активности во текот на есента и пролетта.

Волонтерски активности: Учесниците ќе работат заедно за да придонесат позитивно во својата локална заедница, истовремено откривајќи како лидерството и волонтерството одат рака под рака.

Авантуристички активности: Учесниците ќе се вклучат во активности на отворено кои ќе ги поттикнат да соработуваат, да решаваат проблеми, да развиваат истрајност и да размислуваат за својот лидерски развој.

Програмски активности

Септември 2026 — Позитивен начин на размислување и моќта на „Сè уште“

Октомври 2026 — Волонтерски активности

Ноември 2026 — Авантуристички викенд

Декември 2026 — Комуникација и средбана алумни и учесници на LiT во Скопје

Јануари 2027 — Емоционална интелигенција

Февруари 2027 — Како да станете камперски лидер

Март 2027 — Лидерство и поставување цели

Април 2027 — Авантуристички викенд и волонтерски активности

Мај 2027 — Јавно говорење и завршна прослава на програмата

Целиот текст тука

Подели членак: