Отворен повик: Western Balkans Meet Japan: A Bridge into the Future – младинска размена во Јапонија
Дали си студент/ка и те интересираат градењето мир, интеркултурниот дијалог и соработката меѓу младите од Западен Балкан и Јапонија? Ова е можност за тебе! Министерството за надворешни работи на Јапонија (MOFA), во соработка со Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), го објавува седмиот по ред младински разменски програм „Western Balkans Meet Japan: A Bridge into the Future“, кој ќе се одржи од 20 до 26 јануари 2027 година во Јапонија. Програмата се реализира во рамки на MIRAI Program, која од 2018 година ги поврзува младите од Западен Балкан и Јапонија преку академска и културна размена, со цел создавање основа за идно пријателство, разбирање и соработка.
Кој може да аплицира?
Повикот е отворен за 13 студенти на додипломски или постдипломски студии, на возраст од 20 години или повеќе, кои доаѓаат од:
- Албанија
- Босна и Херцеговина
- Косово*
- Црна Гора
- Северна Македонија
- Србија
Избраните учесници ќе имаат можност да стекнат нови знаења и искуства преку академски дискусии, културна размена, посети на релевантни институции и активности поврзани со градењето мир, помирувањето и меѓународната соработка.
Што нуди програмата?
„Western Balkans Meet Japan: A Bridge into the Future“ има за цел да:
- го продлабочи разбирањето на Јапонија, нејзините политики и пристапи кон градењето мир;
- поттикне меѓусебно разбирање и помирување преку интелектуална и културна размена;
- создаде можности за поврзување и соработка меѓу младите од Јапонија и Западен Балкан;
- ги охрабри младите да станат активни промотори на мирот и дијалогот во своите заедници.
Искуство од претходната размена
Во рамки на минатогодишната размена, одржана од 13 до 19 февруари 2026 година, 13 млади луѓе од Западен Балкан беа избрани меѓу повеќе од 1.000 пријавени кандидати.
Учесниците имаа можност да посетат значајни институции и локации, меѓу кои JICA Headquarters, Sophia University и Peace Memorial Park во Хирошима, и да се запознаат со јапонските пристапи кон градењето мир, помирувањето и глобалната соработка.
Програмата комбинираше академски дискусии, културна размена и активности за интеркултурно учење, овозможувајќи им на учесниците да стекнат нови перспективи за дијалогот, мирот и решавањето конфликти, како и да создадат долгорочни пријателства и професионални контакти.
Аплицирај и биди дел од ова искуство!
Ако си млад/а студент/ка од Северна Македонија и сакаш да дознаеш повеќе за Јапонија, да стекнеш меѓународно искуство и да се поврзеш со млади од целиот Западен Балкан, не ја пропуштај можноста да аплицираш!
Период на програмата: 20–26 јануари 2027 година
Локација: Јапонија
Број на учесници: 13
Земји учеснички: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Северна Македонија и Србија
👉 Деталите за условите за аплицирање и начинот на пријавување се достапни во официјалниот повик.