Успешно реализирана Еразмус+ ,,Обука за студенти"
Во периодот од 9 до 12 јуни 2026 г., во организација на Факултетот за биотехнички науки – Битола (УКЛО) се реализира проектната активност Обука на студенти (Training of Students) со учество на претставници од сите партнерски институции во Еrasmus + проектот „ПРИРОДАТА НА ВОДНАТА СРЕДИНА: ВКЛУЧУВАЊЕ И ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСТА ВО РАЗЛИЧНИ ОПШТЕСТВА (НИДА)“. Главен координатор на проектот е Црноморскиот технички универзитет од Трабзон, Турција, со својот Факултет за поморски науки (Karadeniz Technical University - KTU, Faculty of Marine Sciences), а други партнерски институции се Организацијата Mare Nostrum од Констанца, Романија и Факултетот за биотехнички науки при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, претставуван од локалниот координатор проф. д-р Дијана Блажековиќ-Димовска и проектниот тим составен од проф. д-р Весна Карапетковска-Христова и проф. д-р Билјана Трајковска.
Во рамките на овој проект успешно беше реализиран значаен едукативен настан посветен на унапредување на знаењата и практичните вештини на студентите во областа на водните екосистеми, биодиверзитетот и зачувувањето на природните водни богатства.
Настанот обедини студенти од четири факултети (единици) при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, односно Факултетот за биотехнички науки, Педагошкиот факултет, Високата медицинска школа и Техничко технолошкиот факултет, создавајќи простор за интердисциплинарна соработка, размена на искуства и градење нови академски и професионални партнерства.
Во текот на обуката беа обработени повеќе актуелни теми, меѓу кои:
• водни екосистеми и нивната улога во одржувањето на еколошката рамнотежа;
• водна флора и фауна и нивното значење за биолошката разновидност;
• биодиверзитет и современи предизвици за негово зачувување;
• волонтерство и граѓанска вклученост во заштитата на природата;
• конзервација и одржливо управување со природните водни ресурси.
Особена вредност на настанот му дадоа предавањата и практичните сесии реализирани од истакнати професори, научници и експерти од Македонија, Турција и Романија, кои преку своето богато искуство им овозможија на студентите да се запознаат со современите научни достигнувања, европските практики и иновативните пристапи во областа на заштитата на водната средина.
Прочитај повеќе на линкот