Климатската акција започнува со твојата идеја

Грант
Климатската акција започнува со твојата идеја

Младите од Свети Николе, на возраст од 15 до 24 години, имаат можност да добијат грант од 1.000 до 5.000 долари за реализација на сопствени идеи и иницијативи за справување со климатските предизвици во локалната заедница.

Општина Свети Николе, со локална поддршка од SmartUp – Social Innovation Lab, објави повик за младински климатски проекти во рамки на глобалната програма Youth Climate Action Fund, поддржана од Bloomberg Philanthropies.

Повикот е наменет за млади луѓе на возраст од 15 до 24 години од Свети Николе кои имаат идеја за иницијатива што може да придонесе кон подобра и поодржлива локална средина. Избраните проекти ќе добијат финансиска поддршка во висина од 1.000 до 5.000 долари за нивна реализација.

Што може да поддржат младите?

Преку своите идеи, младите можат да предложат конкретни решенија за климатските предизвици со кои се соочува нивната заедница. Проектите можат да се однесуваат на:

  • заштеда и поефикасно користење на водата и електричната енергија;
  • намалување и рециклирање на отпадот;
  • создавање и уредување на зелени површини;
  • подобрување и разубавување на јавните простори;
  • подигање на свеста за климатските промени;
  • развивање решенија за поголема отпорност на локалната заедница кон климатските ризици;
  • други локални иницијативи кои придонесуваат кон заштита на животната средина и климатска отпорност.

Целта на програмата е младите да не бидат само корисници на локалните политики, туку активни носители на промени и креатори на решенија за предизвиците што директно го засегаат нивното секојдневие.

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Влаев, истакна дека програмата создава можност младите активно да придонесат кон развојот на локалната заедница.

„Младите ги имаат идеите, енергијата и решителноста да направат вистинска промена во својата заедница. Со овој повик им даваме можност своите идеи да ги претворат во реални иницијативи кои ќе реализираат активности од исклучително значење за нашата заедница“, изјави Влаев.

Преку Youth Climate Action Fund, младите добиваат можност да ги претворат своите идеи во конкретни активности, да стекнат искуство во развивање и спроведување на проекти и активно да придонесат кон создавање на почиста, поодржлива и поотпорна локална заедница.

Доколку имаш идеја за климатска иницијатива во Свети Николе – ова е можност да ја претвориш во реалност.

Целиот повик тука

Подели членак: