Конкурс за доделување на Годишна награда на КХВ за млади истражувачи за најдобар труд

Друго
Конкурс за доделување на Годишна награда на КХВ за млади истражувачи за најдобар труд

Врз основа на Одлука број 03-125/1 од 29.1.2026, Комисијата за хартии од вредност заради афирмација на улогата на пазарот на капитал, како и поттикнување на истражувањата и развојот на научната мисла особено кај младите истражувачи, објавува: Конкурс за доделување на Годишна награда за најдобар труд на млади истражувачи во областа на пазарот на капитал 2026.

Право на учество на овој Конкурс имаат државјани на Република Македонија на возраст до 35 години. Комисионерите,вработените во Комисијата за хартии од вредност и нивното потесно семејство немаат право на учество на Конкурсот. Еден автор има право да поднесе само еден труд и тоа како единствен автор или пак како коавторство (најмногу 2-автора).
Авторите имаат право да конкурираат на овој Конкурс со трудови коишто веќе биле објавени, но не пред 1 јануари 2025 година. При поднесувањето на трудот, авторот треба да наведе дали , кога и каде бил објавен трудот.

Авторот треба да достави Кратка биографија (CV), Изјава за оригиналноста, како и Согласност за објавување на трудот. Трудовите се поднесуваат на македонски или на албански јазик. Авторите при изработка на трудот задолжително треба да го следат Упатството за авторите.

Трудовите и пропратните документи се поднесуваат до Комисијата за хартии од вредност со назнака: „За Годишната награда за најдобар труд на Комисијата за хартии од вредност-2026“, по електронски пат, во формат „word“,на е-адресата: [email protected].

Годишната награда на Комисијата за хартии од вредност за прворангираниот труд (прва награда) изнесува 90.000,00 денари, нето. Доколку Одборот за оценување оцени дека второрангираниот труд е исто така со квалитет близок до прворангираниот, Комисијата за хартии од вредност може да додели и втора награда, во износ од 50.000,00 денари, нето.

Краен рок за доставување на трудовите е 1 мај, 2026 година.

Повеќе информации и насоки за пријавување може да пронајдете тука.

Подели членак: