Студенти смислија решение против измамите поврзани со „Safe city“
Тим од пет студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и од Факултетот „Бреинстер некст“ го освои првото место на „Blokchain Hackathon Skopje“ со иновативното решение „Safe Chain MK“.
Тамара Стојаноска, Сара Андоновска, Христина Ѓорѓиевска, Огнен Младеновски и Драган Стојчевски создадоа платформа базирана на блокчејн како одговор на проблемот со масовните фишинг СМС-пораки поврзани со системот „Сејф сити“ во Македонија. За потсетување, само во едно попладне беа испратени над 10.000 лажни пораки за сообраќајни казни, со што огромен број граѓани беа изложени на измами и финансиски злоупотреби.
- Ние сме тим кој доаѓа од различни средини, со различни начини на размислување, различни идеи, еден заеднички став - дека технологијата треба да решава вистински проблеми. Оваа победа на првиот Blockchain Skopje хакатон за нас е повеќе од освоено прво место на – таа е 48-часовно размислување и градење нешто што навистина има значење. Влеговме со идеја, излеговме со искуство кое не може да се замени. Доказ дека хакатонот не е само натпревар, туку простор каде што студентите растат и сфаќаат дека вистинското знаење се стекнува кога решаваш вистински проблеми со вистински луѓе до тебе - вели Огнен Младеновски за Факултети.мк во името на целиот тим.
На хакатонот се претставија со „SafeChain“, платформа за борба против фишинг-измами поврзани со сообраќајни прекршоци.
- Секој од нас, во изминатиот период, барем еднаш добил сомнителна порака, лажна казна за направен прекршок од „Сејф сити“. Актуелен проблем со кој се соочуваме сите. Пред воопшто апелите да ги преплават медиумите, сведоци сме за голем број граѓани-жртви кои „паднаа“ на тие лажни пораки и завршија со одлив на непотценувачки суми од нивните банкарски сметки. Наместо да се прашуваме зошто луѓето сè уште потпаѓаат на вакви измами, решивме да си поставиме поважно прашање: Зошто воопшто им оставаме можност за сомнеж? Одговорот прерасна во SafeChain – платформа изградена врз еден принцип кој звучи едноставно, но менува сè - официјалната порака никогаш не содржи линк. Граѓанинот добива само верификуван СМС-код. Ја отвора официјалната платформа, го внесува кодот и пристапува до сè што му е потребно: фотографија од прекршокот, локација, детали за казната. Оттаму може да ја види својата историја на прекршоци, да поднесе ПДФ-приговор со електронски потпис и да ја плати казната онлајн. Покрај безбедноста, SafeChain го решава и секојдневниот проблем со бирократијата. Повеќе нема макотрпни чекања по институции – сите докази, плаќања, приговори се на едно место, достапни во секунди - објаснува тимот.
Целиот текст прочитај го на fakulteti.mk